Никој
јули 30, 2010Не бев од оние провинциски ариевци
со познати премолчувања во нивното
минато
иако така изгледа не сум роден случајно
можеше да биде секаде и секогаш
Им се криев лошо без да знам како
восхитот е завист и пофалбата
потценување
не знаев ништо што требало да знам
бев чуван за се што доаѓа и смее да биде
и се што друг едвај ќе може
Растев одвоен од сиот ужас
кој рикаше преку ѕидовите кој рикаше
преку вестите
кој сепак успеа да ни ги одземе
соништата
растев веќе не знам како барајќи
задни намери во секоја мала добрина
Иако ништо не правев за себе
и бев согласен да се наречам Никој
лик без лице и име без сенка
не успеав сосема да се изгубам за сите
твојот поглед ме фати во најтенка мрежа
беше единствена што не покажа
како се плашиш
и избега со стил за разлика од сите
Ме обзеде и одзеде ме собра и развеа
место грутка земја спроти твојот ветер
ме создаде уште еднаш и уште еднаш
ми даде правец и дарба да не можам
да мразам
ти однапред ме виде и позна што знаев
дека не сум и беше точно тоа
најдобро од сите се криев од себе




